Барбов, Филипче и Заев целосно се заплеткаа во лаги и ги поминаа своите ингеренции со препораката за лекување во Бугарија, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Манасиевски истакна дека докторот Барбов со своето обраќање обелодени дека го водел случајот противправно, поставувајќи прашања како невролог дава мислење за хируршки интервенции и конзилијарна препорака без претходно пациентката да биде упатена на лекарски конзилиум.
Сакајќи да се извади и да се направи како да не е од тука и не знае што се случува, докторот Барбов обелодени дека целосно го водел случајот противправно. Барбов, Филипче и Заев, пред да се правдаат, треба да кажат како Барбов, како невролог, дава мислење за хируршки интервенции? Како дал конзилијарна препорака, кога пациентката никогаш не била упатена на лекарски конзилиум, ниту пак поднела барање за конзилијарно мислење? Зошто Барбов, пациентката како пациент после траума, не ја упатил на преглед кај неврохирург или пак трауматолог? Дали Барбов, Филипче и Заев, сакале брзо да го завршат случајот и без никој да знае, да му направат услуга на Радев? Затоа што ако не било тоа случајот, сето ова што го кажавме досега ќе било преземено – рече Манасиевски.
Тој ја оцени како трагикомична изјавата на Барбов дека не знаел за каква сообраќајка станува збор, но знаел дека Михаилова имала бугарско осигурување, додавајќи дека иако постои билатерален договор меѓу двете земји, постојат строги правила кои пациенти и во кој случај добиваат лекување.
Барбов, Филипче и Заев, целосно се разголија, и сега се е на чисто, кој каква улога имал – нагласи портпаролот на владејачката партија.

