Криминални структури во Македонија, по директни насоки на ирански државјанин поврзан со разузнавачките мрежи на Иран, подготвувале терористички акт, односно атентат врз однапред определено лице во Грција. Ова го соопшти директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, обелоденувајќи детали од операцијата што траела меѓу девет и десет месеци.
Преку оперативно-технички и аналитички активности, АНБ ја разоткрила домашната мрежа поврзана со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех, за кого постојат индиции дека соработува со иранските безбедносно-разузнавачки служби и има врски со иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зинташки.
„Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаат подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт, атентат врз претходно дефинирано лице, таргет лоциран во Грција“, изјави Христовски.
Во соработка со странски партнерски служби било утврдено дека припадниците на мрежата одржувале тајни средби во трети земји, вклучително и во Иран.
„Во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот модус операции за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин Маванех, кој е главен носител на планираната терористичка операција“, рече директорот на АНБ.
На прашањето дали постојат закани за напади во земјава, Христовски децидно одговори дека такви сознанија нема.
„Информации за било какво постапување од страна на било терористички мрежи, активности поврзани со Иран, каде што таргет би биле лица од Македонија, немаме информација, односно немаме информација дека било какво нешто се спрема на територија на државава“, истакна тој.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека во рамки на оваа акција се опфатени шест лица.
„На 4 лица, според информациите што ги имаме како служба, како Биро за јавна безбедност, на 4 лица им е одредена активна мерка притвор на 1 лице, му е одредена мерка куќен притвор. Шестото лице, како што кажав, не е достапно сè уште на органите за прогонот и по него активно се трага“, изјави Јанев.
Од АНБ порачаа дека во координација со домашните и странските партнерски служби продолжуваат со активностите за откривање на ваквите посреднички мрежи и превенирање на потенцијални терористички закани.

