42-годишна жена од Гостивар е примена во Ургентниот хируршки центар со тешки телесни повреди, а според податоците со кои располагаат лекарите, повредите ѝ биле нанесени од сопругот.
Пациентката била примена вчера во 18:08 часот, по што биле направени дијагностички испитувања и биле констатирани сериозни повреди на градниот кош и главата.
„Четириесет и двегодишна пациентка од Гостивар е примена на Ургентниот хируршки центар во 18 часот и 8 минути со повреди на градниот кош и главата, податок за повреда од сопругот, направени се дијагностички процедури и констатирани се тешки телесни повреди, фрактура на ребра од 7-мо до 10-то, парцијален пневмоторакс и мала ефузија како и субдурален пласт. Примена е на КАРИЛ“, изјави за „Слободен печат“ доктор Игор Мерџановски, директор на ТОАРИЛУЦ.
Жената е префрлена на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде што продолжува нејзиниот третман.
Насилникот е спроведен во Бардовци. Повеќе информации од надлежните се очекуваат наскоро.

