СДСМ упати критики до Владата и премиерот Христијан Мицкоски во врска со состојбата на државниот буџет, откако премиерот оцени дека финансирањето на обврските, враќањето на долговите и реализацијата на капиталните инвестиции ќе бидат предизвик во наредните две години.
Од опозициската партија велат дека јавниот долг продолжува да расте, додека, според нив, реализацијата на капиталните инвестиции е незадоволителна.
„Како не враќа долгови, кога ја задолжи земјата за 4 милијарди за само две години? Го зголеми долгот за 50% од независноста за само две години. Секоја недела ново задолжување. Буџетот е пресипување од шупливо во празно“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата го повикуваат Мицкоски да објасни како буџетот може да претставува предизвик, ако, како што велат, економските показатели и владините тврдења упатуваат на раст на платите и пензиите, како и на добри резултати во туризмот и авиосообраќајот.
СДСМ реагира и на најавеното поскапување на парното, како и на можноста за зголемување на цената на електричната енергија. Според партијата, економските показатели не ја отсликуваат реалната состојба со животниот стандард на граѓаните, кои, како што наведуваат, сè потешко ги покриваат основните трошоци.
Во соопштението се споменуваат и состојбите во пензискиот систем, при што СДСМ тврди дека има милијардна дупка во ПИОМ и изразува загриженост за најавите и можните промени во вториот пензиски столб.
Опозицијата ја критикува Владата и за минималната плата, како и за растот на трошоците за живот. Од СДСМ наведуваат дека вредноста на потрошувачката кошничка надминува 70.000 денари, а со трошоците за кирија достигнува над 90.000 денари.
„Вистината е едноставна. Ја задолживте земјата повеќе за две години отколку сите претходни влади за 35 години. Пари има само за криминални тендери“, обвинуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека Владата се соочува со сериозни буџетски проблеми и ја обвинуваат дека средствата не се распределуваат во интерес на граѓаните.
„Сега признавате дека буџетот е предизвик. Кога ќе снема пари за вашата пљачка, ќе барате избори. Граѓаните веќе знаат дека бајките не држат“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Соопштението завршува со пораката: „Држава, не банда.“

