Мрежата за заштита од дискриминација упати јавни прашања до претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, изразувајќи незадоволство поради доцнењето на законските измени и отсуството на заклучоци од надзорната расправа за заштита на жените од насилство.
Од Мрежата посочуваат дека поминале седум месеци од одржувањето на надзорната расправа, а три месеци од поднесувањето на предложените законски измени, кои сè уште не се ставени на дневен ред.
„Седум месеци без заклучоци од надзорната расправа. Три месеци без усвојување на предложените законски измени. Седум фемициди од почетокот на годината“, наведуваат од Мрежата.
Тие потсетуваат дека во април годинава, Пешевска, во својство на претседателка на Комисијата, организирала надзорна расправа за заштита на жените од насилство. Во август, заедно со други пратенички, поднела законски измени насочени кон подобрување на заштитата на жените.
Од Мрежата бараат одговор зошто сè уште не се објавени заклучоците од надзорната расправа и зошто предложените законски измени не се ставени на дневен ред на Собранието.
Дополнително, ја отвораат и темата за родовата еднаквост и нејзиното влијание врз спречувањето на насилството врз жените, поставувајќи прашање за одговорноста за, како што наведуваат, отстранувањето на одредбите за заштита од дискриминација и насилство од образовните закони.
„Од претседателката на Комисијата за еднакви можности очекуваме конкретни постапки за унапредување, а не уназадување на правата на жените“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Од организацијата бараат институционална одговорност и конкретни резултати во унапредувањето на заштитата на жените од насилство.

