Во тек е подготовката на два специјални закони со кои се предвидуваат поволности за младите брачни парови при обезбедувањето сопствен дом. Се очекува законските решенија да бидат доставени до Собранието следниот месец.
Првиот закон предвидува младите брачни парови да можат да купуваат станбен простор по цени за 20 проценти пониски од просечните пазарни цени остварени во текот на претходната година.
Анализите за утврдување на цените се во тек, а според првичните податоци, во Општина Центар просечната пазарна цена на квадратен метар станбен простор во првите три квартали од годинава изнесувала 1.915 евра. Со предвидениот попуст од 20 проценти, цената би изнесувала околу 1.530 евра за квадратен метар.
Според предложеното законско решение, секој инвеститор што ќе побара дозвола за изградба на станбен објект ќе има обврска да издвои 10 проценти од станбената површина за лица кои ќе ги исполнуваат законските услови. Еден од критериумите предвидува најмалку едниот од партнерите да биде на возраст до 35 години.
Вториот закон предвидува ослободување од плаќање комуналии кон општините за младите кои ќе градат сопствен дом. Оваа мерка веќе се применува во одредени општини, но со новото законско решение се планира нејзино проширување на целата територија на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека двата закона се дел од заложбите за создавање подобри услови за живот на младите и олеснување на пристапот до сопствено домување.
Според партијата, со овие мерки се прави чекор кон решавање на еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат младите брачни парови – обезбедувањето сопствен дом.

