Економскиот јаз меѓу главниот град и внатрешноста останува длабок. Во 2025 година, Скопскиот регион создал 47,1 отсто од вкупниот бруто-домашен производ (БДП) на државата и привлекол 45,2 отсто од сите инвестиции во основни средства, покажуваат најновите претходни податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). На спротивниот крај е Североисточниот регион, кој учествува со само 4,4 отсто во БДП и 3,5 отсто во вкупните инвестиции.
Вкупниот бруто-домашен производ на Македонија во 2025 година изнесувал 1 105 239 милиони денари (околу 18 милијарди евра), при што само во Скопскиот регион се генерирани 520 919 милиони денари.Втор најголем придонес во економијата има Пелагонискиот регион со 10,1 отсто (111 987 милиони денари), по што следуваат Југозападниот со 8,7 отсто и Југоисточниот со 8,2 отсто. Најмал удел има Североисточниот регион со 48 650 милиони денари (4,4 отсто).
Иако има најмало вкупно учество, Југозападниот регион бележи најдинамичен економски раст – неговиот БДП во 2025 година пораснал за 11,0 отсто во однос на претходната 2024 година.
Само два региона над државниот просек по жител На ниво на држава, БДП по жител во 2025 година изнесувал 607 104 денари. Над овој републички просек се наоѓаат само два региона:
- Скопски регион: 855 646 денари по жител (индекс 140,9, односно 40,9 отсто над државниот просек).
- Југоисточен регион: 626 006 денари по жител (индекс 103,1).
Сите останати шест региони се под републичкиот просек, а најнизок БДП по жител имаат Североисточниот (320 882 денари или индекс 52,9) и Полошкиот регион (328 069 денари или индекс 54,0) – што е речиси двојно помалку од државниот просек и над 2,6 пати помалку во споредба со Скопје.
Инвестициите концентрирани во главниот град, но Полог со најголем скок
Од вкупно 265 681 милиони денари бруто-инвестиции во основни средства на ниво на држава во 2025 година, речиси половина (119 979 милиони денари или 45,2 отсто) завршиле во Скопскиот регион. Зад него се Југозападниот регион со 12,8 отсто (33 908 милиони денари) и Пелагонискиот со 10,7 отсто (28 550 милиони денари), додека најмалку се инвестирало во Североисточниот регион – 9 335 милиони денари (3,5 отсто).
Сепак, кога станува збор за годишниот тренд, Полошкиот регион бележи најголем инвестициски замав со пораст на бруто-инвестициите од дури 39,9 отсто во споредба со 2024 година.

