Заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, се пофали со уверение за овластен државен ревизор напишано исклучиво на албански јазик, на кое нема текст на македонски јазик.
Овој документ го претстави како политичко достигнување на владиниот коалициски партнер ВРЕДИ.
Објавувајќи на својот фејсбук-профил, Зеколи Шаќири графички направи споредба меѓу уверенијата издадени од Државниот завод за ревизија.

На едната страна е прикажано уверение напишано на македонски јазик, придружено со логото на ДУИ, натписот „Како беше со ДУИ“ и црвен крст под кој пишува „100 отсто македонски“.
На другата страна е прикажано уверение напишано целосно на албански јазик, со логото на ВЛЕН, натписот „Како е со ВЛЕН“ и зелен знак за одобрување, придружен со натписот „100 отсто албански“.
Во објавата, како политички успех не се истакнува двојазичноста на документот, туку неговото издавање исклучиво на албански јазик. Истовремено, уверението напишано исклучиво на македонски јазик е означено со негативен визуелен симбол.
Од прикажаниот документ на албански јазик може да се забележи дека лицето на кое му е издадено уверението го полагало испитот за овластен државен ревизор на 19 ноември 2026 година, пред комисија на Државниот завод за ревизија.
Зеколи Шаќири од јули 2024 година ја извршува функцијата заменик-министер за транспорт во Владата. Според нејзината официјална биографија објавена на веб-страницата на Министерството за транспорт, таа е доктор на правни науки и поранешна деканка на Правниот факултет при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од објавата не е јасно дали Државниот завод за ревизија издава и двојазични уверенија, дали кандидатите самостојно го избираат јазикот на кој ќе им биде издаден документот и врз која правна основа се издаваат уверенија исклучиво на албански јазик.

