СДСМ обвинува дека во Македонија нема институционална истрага за случајот со Алта банка, иако во Србија истрагата се проширува, а има и нови осомничени и приведени лица.
Од партијата велат дека директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, на надзорната расправа во Собранието потврдил дека Народната банка ниту ја известила Финансиската полиција за случајот со Алта банка, ниту побарала проверки за лица од управниот или надзорниот одбор на банката.
Според СДСМ, Ивановски потврдил и дека Финансиската полиција нема отворен предмет за овој случај. Од партијата прашуваат дали воопшто е проверено потеклото на капиталот на банката, особено по информациите што се појавија во српските медиуми за сомневања за криминално стекнати пари.
Од СДСМ посочуваат дека клучна улога за влезот на Алта банка во Македонија имале консултациите меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и премиерот Христијан Мицкоски, на кои, како што тврдат, јавно укажал и самиот гувернер.
Партијата наведува дека Мицкоски во Собранието избегнал да одговори на прашањето од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со кого го направил договорот за влез на Алта банка во земјава.
Во соопштението се посочува и дека истрагата во Србија се проширува. Како нови осомничени се споменуваат Дубравко Мацура, брат на претходно уапсениот сопственик на банката Давор Мацура, како и директорката на „Алта пеј груп“, Татјана Бундало. Според наводите на СДСМ, Дубравко Мацура е осомничен за неовластено влегување во трезорот на банката и изнесување готовина во евра.
Од СДСМ тврдат дека во Србија се води истрага, има приведени лица и се истражуваат сомневања поврзани со 380 милиони евра, додека во Македонија сè уште нема одговор од надлежните институции.
Партијата потсетува дека на 12 ноември поднела кривична пријава против Трајко Славески и други службени лица во Народната банка и прашува дали по пријавата се постапува или таа сè уште не е процесуирана.
Од СДСМ бараат одговор од Обвинителството зошто досега не е отворена истрага и дали се преземаат мерки за испитување на случајот со Алта банка.

