Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ги повика граѓаните во наредните денови внимателно да реагираат на сигналите за воздушна опасност, предупредувајќи дека според разузнавачки податоци Русија ги привршува подготовките за нов масовен напад.
Зеленски посочи дека мети на најавениот напад повторно би можеле да бидат енергетските објекти, логистичката инфраструктура и објектите од витално значење во градовите и населените места.
Преку објава на социјалната мрежа Икс (X), тој им се заблагодари на екипите за поправки, енергетските компании, комуналните служби и Државната служба за вонредни состојби за обновувањето на снабдувањето со електрична енергија, наведувајќи дека руските сили продолжуваат да гаѓаат трафостаници, далноводи и електроенергетска мрежа.

