Вкупно 40,8 милијарди денари, односно околу 663 милиони евра, се предвидени за капитални инвестиции во Буџетот за 2027 година, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека средствата ќе бидат насочени кон инфраструктурни проекти, подобрување на условите за живот и поддршка на економскиот развој.
Од партијата посочуваат дека значителен дел од инвестициите ќе бидат наменети за патната инфраструктура. Преку Јавното претпријатие за државни патишта се планирани дополнителни 18 милијарди денари, од кои над 12 милијарди за изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, во рамки на коридорите 8 и 10д.
Во плановите е вклучено и продолжувањето на изградбата на автопатските делници Кичево – Охрид, Кичево – Букојчани и Скопје – Блаце, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, треба да придонесат за подобра регионална поврзаност и поголема безбедност во сообраќајот.
Железничката инфраструктура е уште еден од приоритетите, за која се предвидени 6,2 милијарди денари, што претставува раст од речиси 54 проценти во однос на претходната година. Средствата ќе бидат насочени кон продолжување на изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка и активности за делницата Крива Паланка – границата со Бугарија.
Од партијата најавуваат и продолжување на проектите за комунална инфраструктура и заштита на животната средина, вклучително и изградба на пречистителни станици во Скопје, Тетово и Битола, како и планирани проекти во Велес, Штип и Виница.
За владината програма „Економски развој“ во 2027 година се предвидени 9,7 милијарди денари, што е зголемување за 30,5 проценти во споредба со 2026 година. Според ВМРО-ДПМНЕ, овие средства ќе бидат насочени кон поттикнување на инвестициите, привлекување нови инвеститори и поддршка на домашните компании.
Од партијата оценуваат дека со планираните инвестиции Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реализација на инфраструктурни проекти, јакнење на економската стабилност и создавање услови за нови работни места.

