Иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) денеска соопшти дека во Ормуската Теснина експлодирал и се запалил танкер за нафта, кој налетал на морска мина.
ИРГЦ, како што пренесе иранската државна телевизија, соопшти дека танкерот налетал на мина додека минувал по „лажна и неовластена рута“ во Ормуската Теснина, пренесува Ал Џезира.
Морнарицата на ИРГЦ додаде дека два други танкера за нафта, кои го следеле танкерот, биле принудени да се вратат во Персискиот Залив откако виделе дека првиот танкер се судрил со мина, и откако примиле радио-предупредување од центарот за поморско следење на ИРГЦ во Ормуската Теснина.
ИРГЦ предупреди дека танкерите што користат „лажни и нелиценцирани рути“ ќе имаат за последица „само експлозии и пожар“.

