Рускиот претседател Владимир Путин најави дека Москва неизбежно ќе одговори на украинските напади врз руските нафтени рафинерии, но засега не откри какви мерки ќе преземе Русија, ниту кога би можел да следува одговорот.
„Одговорот од наша страна е неизбежен. Тоа сите треба да го знаат“, порача Путин на состанок посветен на состојбите во енергетскиот сектор.
Во таа пригода, рускиот претседател побара подобро обезбедување на рафинериите, кои, според неговите тврдења, продолжуваат да бидат цел на украински напади.
Путин оцени дека Киев ги интензивирал нападите врз руските нафтени капацитети, и покрај тоа што, како што тврди, американскиот претседател Доналд Трамп директно побарал тие да престанат.
Според рускиот претседател, засилените украински напади започнале на почетокот на јуни. Сепак, тој оцени дека тие не можат да ѝ нанесат критична штета на Русија.
Иако најави неизбежна реакција од Москва, Путин не прецизираше дали станува збор за воени, политички или други мерки. Засега не е познато ниту кога Русија би можела да возврати.

