Албанските власти категорично негираа каква било вмешаност во нападот со беспилотни летала врз руски бродови крај брегот на Либија, отфрлајќи ги наводите дека операцијата била изведена од албанска територија.
Во реакција објавена на социјалната мрежа X, Министерството за надворешни работи на Албанија оцени дека ваквите извештаи се неточни и не ја одразуваат реалната состојба.
„Албанија не била вклучена во овој инцидент, а нејзината територија не била користена или ставена на располагање за започнување или олеснување на таков напад“, се вели во соопштението, додавајќи:
„Категорично ги отфрламе овие обвинувања, изнесени без проверливи докази“, соопшти Тирана.
Од Министерството воедно ги повикаа оние што шират вакви тврдења да објават корекции и да постапуваат точно, со должно внимание и одговорност при известувањето за чувствителни прашања.
Официјалната реакција на Тирана следува откако украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска потврди дека руски воен брод бил потонат вчера во напад со беспилотни летала во либиско пристаниште.
Според властите што ја контролираат источна Либија, експлозијата на бродот во поморската база во Бенгази настанала додека тој се прикотвувал за полнење гориво и други залихи пред враќањето во Русија.
Зеленски соопшти дека во ударот бил погоден и втор руски брод – товарен брод за кој постојат тврдења дека служел за транспорт на оружје, додека Кремљ по инцидентот предупреди на „ескалација на тензиите во регионот“.
Опишувајќи ја акцијата како „примерната украинска операција како одговор на војната на Русија“, Зеленски прецизираше дека со седум поморски дронови била нападната и потоната корветата „Меркури“, еден од најновите руски бродови, а погоден бил и рускиот контејнерски брод „МВ Ангара“.

