СВР Струмица поднесе кривична пријава против 50-годишен затворски полицаец од Струмица поради сомнение за продажба на дрога на работното место, недозволено држење муниција и кражба, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство Струмица против Р.С. (50) од Струмица за кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ и „кражба“.
Според информациите на МВР, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Р.С. на 21.11.2026 година во близина на Затвор Струмица.
Тој, додека бил на работното место како затворски полицаец пред затворот во Струмица, се обидел да продаде кокаин на друго лице, а притоа кај него биле пронајдени три пакувања со кокаин.
По преземените дополнителни мерки и извршените претреси во домот на пријавениот и во службени простории што ги користи во затворот, пронајдени се повеќе пакувања со кокаин, пакување со марихуана и дигитална вага.
Во службениот ормар што го користел пријавениот биле пронајдени и куршуми за пиштол во поголема количина од онаа што ја имал задолжено како затворски полицаец, како и паричник за кој е утврдено дека потекнува од кражба пријавена на 21.11.2026 година.
За сите мерки бил известен јавен обвинител, а Р.С. бил задржан во Полициската станица Струмица, по што бил изведен пред судија на претходна постапка кој му одредил 30-дневен притвор.

