Собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево го заврши општиот претрес по предлог-буџетот за 2027 година во второ читање. Седницата на Комисијата по предлог-буџетот ќе продолжи утре во 11:30 часот со претрес по амандманите. За предложениот ребаланс на буџетот поднесени се над 300 амандмани од овластени предлагачи.
Пратениците од власта истакнаа дека предлог-буџетот за 2027 година претставува рамка за одговорно управување со јавните финансии, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност, навремено исполнување на обврските кон граѓаните и реализација на развојните програми на државата. Оценија дека станува збор за развоен буџет насочен кон економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард, а пак, опозициските пратеници оценија дека проекциите на Владата не ја отсликуваат реалната економска состојба и дека зголемените дефицити и задолжувања го доведуваат во прашање развојниот карактер на буџетот. Според нив, капиталните расходи не се доволни, а најавените инвестиции и проекти не се поткрепени со соодветни средства во буџетските ставки.
Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски оцени дека Владата создава „убава приказна за развој“, но оти бројките не ја потврдуваат таквата слика.
– Вие имате буџет за 2027 година со убава приказна за развој, но фактичката состојба е една сериозна стагнација – рече Спасовски, посочувајќи дека расходите растат побрзо од приходите, а дефицитот се покрива со ново задолжување.
Тој нагласи дека планираните капитални расходи остануваат ниски во однос на останатите буџетски трошоци, оцени дека „немаме развоен буџет“ и додаде дека намалувањето на средствата во одделни ресори, меѓу кои и земјоделството, не се во согласност со владините политики за поддршка на граѓаните.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов упати критики до претходната влада, посочувајќи дека во периодот кога таа ја водела државата економскиот раст изнесувал само 1,1 проценти, наспроти денешниот просек од 3,7 проценти и растот од 4,2 проценти во вториот квартал, и истакна дека ваквите резултати ја покажуваат разликата во економските политики.
– Главната бројка од којашто тргнува секој буџет е економскиот раст, просекот на економски раст, додека вие бевте министер, премиер во владите, беше 1,1 процент. Денес просекот е 3,7, а во вториот квартал од оваа година имавме 4,2. Оние јадни 1,1 се повеќе од 4,2 и четири пати помалку. Честопати се подигрувате со третата економија, точно е тоа дека македонската економија расте побрзо од еврозоната и тоа е нормално бидејќи сме мала држава, но ние бевме мала држава кога беше Оливер премиер и министер на таа влада кога бевме мала држава ама со 1 процент растевме, бевме под еврозоната, бевме стота економија и тоа е многу манипулативно – рече Пренџов.
Пренџов се осврна и на инфлацијата во периодот на претходната влада, потенцирајќи дека истата достигнала 19,8 проценти и ги посочи покачувањата на платите во МВР и образованието, како и зголемените буџетски средства за плати и пензии.
– Во време кога вие бевте втор човек или прв човек во владата имавме 19,8 проценти инфлација, по трипати во маркетите во денот се покачуваа цените, а цената на енергенсите беше иста и слична како сега. Знаат луѓето, господине Спасовски, и не случајно на сите анкети се произнесуваат на начин на којшто претседателот на СДС има рејтинг каков што има, а партијата е таму каде што е петта партија во Скопје. Знаат дека во МВР имаме покачување на платите, знаеме дека во образование имаме 48 проценти покачување кумулативно. И затоа, почитуван господине Спасовски, во рамки на буџетов којшто го критикувате не забележавте дека имаме 3,4 милијарди денари повеќе за плати, не забележавте дека имаме 5,6 милијарди денари повеќе за пензии, не забележавте дека имаме во кварталите раст на оперативен план за вработување и Македонија да биде држава со минимум број на невработени – нагласи Пренџов.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески истакна дека предлог-буџетот за 2027 година е „финансиски документ со јасна визија, чесна намера и силна развојна компонента“.
– Овој буџет се темели на три суштински столба: економски раст од 3,8 проценти, финансиска стабилност и континуирано подигнување на животниот стандард на граѓаните – рече Ристески.
Тој нагласи дека се предвидени рекордни средства за социјални трансфери, пензии, мерки за вработување на младите, здравство и образование, како и 40,8 милијарди денари за капитални инвестиции.
– Затоа ве повикувам сите да ја надминеме дневната политика и да дадеме поддршка за овој развоен буџет – порача Ристески.
На неговото излагање реплицираше пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи кој оцени дека дел од најавените проекти немаат соодветна финансиска покриеност во предложениот буџет.
– За Клиничкиот центар во Скопје, Штип, Тетово и Кичево во буџетот има само 60 милиони денари, односно околу еден милион евра. Како ќе се продолжи со тие проекти со толку средства? – праша Битиќи.
Тој предупреди дека државниот долг ќе продолжи да расте и обвини дека Владата ја претставува состојбата преку, како што рече, „манипулација со бројките“, наместо да ја прикаже реалната слика за јавните финансии.
Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, која е дел од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Коњановски истакна дека предлог-буџетот за 2027 година предвидува вкупни приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари, со буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП и дека буџетската рамка е насочена кон редовно сервисирање на обврските, продолжување на инвестициите и зајакнување на јавните финансии, при што значителен дел од средствата се наменети за пензии, социјална и здравствена заштита и образование.
– Предлог-буџетот за 2027 година предвидува вкупни приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Приходите се проектирани да растат побрзо од расходите, а буџетскиот дефицит е утврден на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП. Оваа рамка треба да овозможи редовно исполнување на обврските на државата, продолжување на инвестициите и постепено зајакнување на јавните финансии. За исплата на пензиите се планирани 123,8 милијарди денари. Редовната и предвидлива пензија е прашање на достоинство, самостојност и сигурност. За социјална заштита се предвидени околу 14,3 милијарди денари. Важно е овие средства да стигнуваат навреме, според јасни критериуми и без непотребни административни пречки. За здравствена заштита преку Фондот за здравствено осигурување планирани се 58,7 милијарди денари. Истата определба важи и за образованието – рече Коњановски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Јамалов нагласи дека со предлог-буџетот за следната 2027 година се планира намалување на дефицитот од 46,264 милијарди денари на 45 милијарди денари. Потенцира дека ова е важен сигнал дека Владата не се откажува од фискална дисциплина, но истовремено не го прави тоа на сметка на граѓаните, пензионерите, здравството или инвестициите. Јамалов додаде дека тоj пристап кој ја препознава реалноста, ги зема предвид обврските на државата и создава нови, одржливи јавни финансии.
– Социјалната сигурност и здравството остануваат меѓу најважните приоритети. Особено значајно е што за пензиите се предвидени 123,818 милијарди денари, односно 5,660 милијарди денари повеќе во споредба со рамката за 2026 година. За здравствената заштита се планирани 58.703 милијарди денари, што претставува зголемување од 2,818 милијарди денари – истакна Јамалов.

