Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска го продолжува учеството на седмиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава. Вториот ден од форумот е посветен на министерската соработка, енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето и заштитата на критичната инфраструктура како стратешки прашања од заеднички интерес за Европа и САД.
На вчерашната панел-дискусија посветена на отпорноста на критичната инфраструктура, Божиновска ги презентираше чекорите што ги презема државата за обезбедување алтернативни правци за снабдување и поголема регионална поврзаност. Таа истакна дека по три децении зависност од еден извор за природен гас преку Бугарија, земјава развива нови поврзувања преку интерконекторите со Грција и Србија.
Според нејзините најави, интерконекторот со Грција, кој е подготвен и за транспорт на водород, се очекува да биде завршен во јуни следната година. Како дополнителни проекти таа ги посочи електроенергетското поврзување со Албанија, како и повторното ставање во функција на продуктоводот со Грција по 12 години неактивност.
Во рамки на дискусијата за заштита на енергетските капацитети од сајбер-напади и закани од дронови, Божиновска нагласи дека е неопходна соодветна законска рамка и тесна координација меѓу институциите, операторите и приватниот сектор.
Осврнувајќи се на предизвиците во синџирите на снабдување, министерката посочи пример каде инвеститор заинтересиран за изградба на гасна турбина добил прв достапен термин за испорака дури во 2032 година. Ова, според неа, ја потврдува потребата новите енергетски проекти уште во фазата на планирање да ги земат предвид технолошките промени, резервните системи и безбедносните ризици.
Денешната агенда во Варшава продолжува со министерски сесии за нуклеарната енергија, трансатлантската индустриска соработка, сигурноста на снабдувањето со течен природен гас (LNG) и финансирањето на стратешката енергетска инфраструктура.

