Општина Гази Баба продолжува со реализацијата на проектот за бесплатни офталмолошки прегледи за учениците од сите основни општински училишта, со цел навремено откривање и спречување на проблеми со видот кај децата.
Како што информира градоначалникот Бобан Стефковски, во рамки на проектот прегледи биле реализирани и во ООУ „Григор Прличев“ во Железара и ООУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.
Преку оваа иницијатива учениците имаат можност бесплатно да ја проверат состојбата со својот вид, а целта е евентуалните проблеми да се откријат навреме и да се спречи нивното понатамошно влошување.
Стефковски посочува дека раната превенција е особено важна за правилниот развој на децата, нивната концентрација, успехот во образованието и секојдневното функционирање.
Во реализацијата на проектот учествуваат „Промедика“ и „Систина Офталмологија“, а од Општината изразуваат благодарност и до училиштата за соработката и организацијата на прегледите.
Проектот ќе продолжи и во другите основни училишта на територијата на Гази Баба, со цел бесплатен офталмолошки скрининг да добијат сите ученици.

