Речиси секој десетти студент во Македонија е странски државјанин, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2024 година. Од вкупно 58.334 студенти запишани на високообразовните институции во земјава, 5.807 доаѓаат од странство, односно околу 10 проценти од вкупната студентска популација.
Со овој удел Македонија е над просекот на Европската Унија, каде што странските студенти во 2024 година сочинувале 8,7 проценти од вкупниот број студенти.
Во земјите на ЕУ во текот на 2024 година студирале вкупно 1,65 милион странски студенти. Од нив, околу 514.590 биле од други земји членки на Унијата, додека 1,14 милион доаѓале од земји надвор од ЕУ.
Бројот на странски студенти во ЕУ бележи постојан раст од 2016 година, кога започнало собирањето на овие податоци и биле регистрирани 1,2 милион студенти. Во 2023 година бројката надминала 1,5 милион, а меѓу 2023 и 2024 година е забележан дополнителен раст од 4 проценти.
Германија е најпопуларна дестинација за странските студенти, со 438.260 запишани. Следуваат Франција со 284.865 и Холандија со 176.470 странски студенти. Овие три земји заедно привлекуваат 54,5 проценти од сите странски студенти во Европската Унија.
Кога станува збор за уделот во вкупната студентска популација, на прво место е Луксембург, каде што повеќе од половина од студентите, односно 51,5 проценти, се странски државјани. Следуваат Малта со 35,6 проценти, Кипар со 21,6 и Австрија со 20,8 проценти.
Најмал удел на странски студенти имаат Грција со 2,6 проценти, Хрватска со 3,5 и Шпанија со 4,6 проценти.
Студентската мобилност е еден од приоритетите на образовната политика на Европската Унија. Во рамките на Европскиот образовен простор, целта е до 2030 година најмалку 23 проценти од дипломираните студенти да имаат искуство со студирање или учење во странство. Дополнително, ЕУ има цел секоја година да привлекува најмалку 350.000 студенти од земји надвор од Унијата.

