Пакистанскиот државјанин Асиф Мерчант (48) е осуден на 27 и пол години затвор во Соединетите Американски Држави поради учество во заговор за убиство на американскиот претседател Доналд Трамп и други високи американски политичари по налог на Иран, соопшти американското Министерство за правда.
„Федералниот суд во Бруклин го осуди пакистанскиот државјанин Асиф Мерчант на 330 месеци затвор за обид за терористички чин што ги преминува државните граници, како и за убиство по нарачка“, објави Министерството.
Според наводите на обвинителството, Мерчант уште во 2020 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп, се обидел да регрутира лица на американска територија за извршување атентат врз него, како чин на одмазда за убиството на иранскиот воен командант Касем Сулејмани.
Во 2024 година, неговите планови се прошириле, па покрај Трамп, кој тогаш беше републикански кандидат за претседател, цел на заговорот за атентат биле и тогашниот претседател Џо Бајден и политичарката Ники Хејли.
На судењето кое започна во февруари – непосредно пред американско-израелските напади врз Иран – Мерчант сведочеше дека станал дел од операцијата предводена од Иранската револуционерна гарда, но тврдеше дека постапувал под принуда со цел да го заштити своето семејство во Техеран.
Американските безбедносни служби успеале навреме да го спречат заговорот, откако лицето кое Мерчант го контактирал во април 2024 година за да го вклучи во акцијата ги пријавило неговите намери кај властите и станало доверлив извор. Од друга страна, официјален Техеран ги отфрли обвинувањата дека стои зад плановите за напад врз американски функционери.

