Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Лазарополе, каде се измерени 8 литри на квадратен метар, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во Охрид наврнале 7 литри на квадратен метар, во Крива Паланка 2 литри, додека по еден литар дожд се измерени на Попова Шапка, во Претор и Пожаране.
Според прогнозата на УХМР, денеска времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд на одредени места. Пообилни врнежи, над 15 литри на квадратен метар, се очекуваат во западните делови од земјава.
Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец, кој наместа во западните делови повремено ќе достигнува брзина над 80 километри на час. Максималната температура ќе се движи од 17 до 21 степен.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремени сончеви периоди, а кон крајот на денот ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 19 степени.

