Во Скопје е отворен првиот клуб за лица со афазија „Надеж“, кој има за цел да им обезбеди поддршка, разбирање и простор за дружење на луѓето кои се соочуваат со тешкотии во говорот.
Клубот е заедничка иницијатива на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија „ХОУП“ и ЈЗУ Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје.
Афазијата е состојба која влијае врз способноста за зборување, разбирање, читање или пишување, а најчесто се јавува како последица на мозочен удар. За лицата кои живеат со оваа состојба, секојдневната комуникација може да претставува голем предизвик.
Од здружението „ХОУП“ велат дека отворањето на клубот е резултат на повеќегодишна соработка со здравствената институција и заедничката заложба за подобрување на квалитетот на живот на лицата со афазија.
„Губењето на говорот не значи губење на мислите, чувствата, личноста и потребата да се биде дел од општеството“, порачуваат од здружението.
Идејата е „Надеж“ да прерасне во место каде што членовите ќе можат да се поврзуваат, да создаваат пријателства, да ја зајакнуваат самодовербата и полесно да се справуваат со предизвиците што ги носи афазијата.
Од здружението нагласуваат дека со отворањето на клубот се испраќа важна порака дека лицата со афазија не треба да бидат изолирани и оставени сами во соочувањето со оваа состојба, туку да имаат поддршка и можност активно да бидат дел од заедницата.

