Министерот за правда, Јетон Шасивари, учествува на Втората глобална министерска конференција за ставање крај на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини. На настанот учествуваат министри од 131 држава, претставници на меѓународни институции, експерти и организации од целиот свет.
Конференцијата е организирана од Владата на Филипини во партнерство со Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, со цел унапредување на меѓународната соработка и изнаоѓање конкретни решенија за спречување на сите форми на насилство врз децата.
Шасивари учествувал на панел-дискусијата „Europe: Shared Challenges, Shared Solutions“, посветена на заедничките предизвици во заштитата на децата и можностите за нивно надминување преку координирано дејствување.
Во своето обраќање, министерот издвоил три главни проблеми: сè поголемото присуство на насилството во дигиталниот простор, недоследното спроведување на законската заштита и недоволната координација меѓу институциите.
Особено внимание посветил на опасностите што ги носат дигиталните платформи, преку кои децата можат да бидат изложени на злоупотреба, сексуална експлоатација, вознемирување и штетни содржини.
Според Шасивари, за справување со овие појави се потребни посовремени законски решенија, поефикасни механизми за пријавување, специјализирани истражни капацитети и поголема одговорност на технолошките компании.
Тој информирал дека Северна Македонија, како потписничка на Ланзаротската конвенција на Советот на Европа за заштита на децата од сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, работи на понатамошно усогласување на кривичното законодавство со меѓународните стандарди.
Од Министерството за правда посочуваат дека подготовката на новиот Кривичен законик е можност да се надминат постојните правни празнини, особено во заштитата на децата од насилство на интернет. Меѓу најавените заложби се и законски измени со посебен акцент на заштитата на децата на возраст од 14 до 17 години од онлајн насилство и сексуална експлоатација.
Министерот ја нагласил и потребата од поголема дигитална писменост кај децата, родителите и наставниците, како и од подобра соработка со технолошките компании за навремено откривање и отстранување содржини што претставуваат злоупотреба на деца.
Како втор сериозен проблем ја посочил разликата меѓу законската заштита и нејзиното спроведување во практика. Повикајќи се на истражувањето „Disrupting Harm“, Шасивари укажал на недостиг од специјализирани професионалци, преоптовареност со предмети, долготрајни постапки и случаи во кои децата се принудени повеќепати да го повторуваат своето трауматично искуство пред различни институции.
За надминување на овие проблеми, според него, потребни се стандардизирани протоколи за разговор со деца, специјализирани професионалци, пократки рокови за постапување и интегрирани услуги што ќе им овозможат на децата да пријават насилство во безбедна средина, без непотребно повторување на трауматичните искуства.
Во овој контекст, го посочил и Законот за правда за децата, донесен во 2024 година, кој предвидува посебни процесни гаранции, заштита на најдобриот интерес на детето и индивидуална проценка на потребите на децата жртви.
Законот предвидува лишувањето од слобода да биде крајна мерка, право на детето да биде информирано за своите права и можност за придружба од родител, старател или друго возрасно лице при испрашување. Предвидени се и мерки за спречување секундарна виктимизација, односно избегнување дополнителна траума во текот на постапките.
Третиот проблем на кој се осврнал Шасивари е недоволната координација меѓу институциите. Тој посочил дека училиштата, здравствените установи, центрите за социјална работа, полицијата и правосудните органи мора да соработуваат, наместо да постапуваат изолирано.
Како неопходни чекори ги издвоил јасното утврдување на одговорностите, заедничките обуки, безбедната размена на информации и независниот надзор врз спроведувањето на мерките за заштита.
„Вистинската ефикасност на системот не се оценува само според тоа дали институциите ги испочитувале формалните процедури, туку дали детето добило навремена заштита, дали е спречено повторување на насилството и дали му е обезбедена потребната поддршка“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.

