Пред неколку дена добив повик од граѓанин кој ми се пожали дека од страна на лице вработено во ДЗС како Советник за урбанистичко планирање му биле побарани 500 евра за да добие позитивно мислење потребно за изградба на објект, информира Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Засегнатото лице го упатил случајот веднаш да го пријави во Одделот за организиран криминал на МВР.
-Ја поздравувам денешната акција на МВР и воедно ги повикувам граѓаните кои се соочуваат со незаконско поведение на било кој вработен во ДЗС, истото веднаш да го пријават во надлежните институции. Воедно ја користам оваа прилика да се заблагодарам на безмалку сите вработени во ДЗС кои чесно, совесно и пожртвувано ги извршуваат своите работни обврски, посочи Ангелов.
Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ спровеле полициска акција во која е лишен од слобода раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување, осомничен за примање поткуп, неофицијално дознава Курир.
Според информациите до кои дојдовме, лицето било затекнато при примање 500 евра во претходно криминалистички обработени банкноти, како противуслуга за издавање позитивно мислење потребно за изградба на објект.
Она што го прави случајот особено сериозен е сомнението дека станува збор за практика во која раководното лице барало и примало парични средства за позитивни мислења и одобренија поврзани со изградба на станбени и деловни објекти.

