Седумнаесет лица загинале при пад на руски воен транспортен авион Ан-12 во Кемеровската област, во југозападниот дел на Сибир, објавија руските медиуми.
Несреќата се случила во близина на селото Јагуново, а според првичните информации, авионот се запалил за време на летот, по што нагло ја загубил висината и се урнал во поле.
Гувернерот на Кемеровската област, Илија Середјук, потврди дека се случила авионска несреќа и информираше дека спасувачките екипи се на терен.
„Надлежните служби се на местото на настанот. Регионалните власти ја обезбедуваат сета потребна помош“, соопшти Середјук.
Според медиумските извештаи, авионот летал на релација Новосибирск – Канск, а пред несреќата екипажот наводно испратил сигнал за помош.
Причините за падот засега не се официјално утврдени. Надлежните служби спроведуваат истрага за околностите под кои се случила несреќата.
Руското Министерство за одбрана засега нема објавено официјални детали за инцидентот.

