Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави сериозно ги проверуваат информациите за наводен ирански план за напад во Вашингтон со таканаречена „валкана бомба“, додека официјален Техеран ги отфрли ваквите наводи како неосновани.
Според извештајот на Си-ен-ен, кој се повикува на изјави од седум американски функционери, Иран наводно разработува опции за напад врз високи претставници на администрацијата на Трамп во американскиот главен град. Како можни сценарија во извештајот се наведуваат употреба на радиолошка направа или хемиско оружје.
Сепак, меѓу американските функционери не постои усогласена проценка за тоа дали Техеран навистина поседува капацитет и намера да реализира ваква операција. Од таму посочуваат дека самото разгледување на хипотетички сценарија не значи и донесена одлука за извршување напад.
Претходно и Белата куќа соопшти дека будно ги следи сите потенцијални закани, но нагласи дека во моментот не постои веродостојна закана по безбедноста на американската територија. Денеска реагираше и портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, кој целосно ги отфрли обвинувањата оценувајќи ги како неосновани.
Инаку, „валканата бомба“ претставува направа која користи конвенционален експлозив за распрскување радиоактивен материјал. Иако не предизвикува нуклеарна експлозија, нејзината употреба може да доведе до радиоактивна контаминација, потреба од масовни евакуации и сериозни нарушувања во погодената област.

