Горан Булајиќ (53), пилот на борбениот авион „МиГ-29“ на Вооружените сили на Србија, загина денеска при уривање на неговото летало во поле меѓу Нова Пазова и Стара Пазова. На местото на несреќата се наоѓаат припадници на војската, полицијата, воената полиција, пожарникари и екипи на итната медицинска помош.
Булајиќ во српската јавност останува запаметен и по неговиот хуман подвиг за време на катастрофалните поплави во Обреновац во 2014 година, кога пилотскиот комбинезон го заменил со нуркачко одело и со сопствен чамец спасил повеќе од 150 граѓани.
По веста за поплавувањето на градот, тој ја известил командата и на сопствена иницијатива со пријатели се упатил кон најкритичните точки. Повеќе од 20 часа пловел низ темните и поплавени улици, користејќи ги текстуалните пораки од граѓаните како единствен патоказ додека му работел телефонот.
„Кога пристигнавме, ситуацијата беше многу полоша отколку што очекувавме. Водата беше длабока два метра. Управувате со чамец низ улиците, користејќи ги столбовите од електричната мрежа како ориентации; се потпирате на GPS – слично како кога возите автомобил – додека се движите низ место што не го познавате“, изјави во 2014 година за РТС мајор Горан Булајиќ, пилот од 204-та воздухопловна бригада.
Меѓу спасените од улицата „Кнез Михаилова“ биле Мирослав, Славица, Ѓорѓе, Ксенија и Наталија. Булајиќ тогаш ги опиша најтешките моменти од спасувачката акција.
„Најтешкиот и најлошиот дел беше одвојувањето на детето од таткото. Обично прво излегуваа мајките, додека татковците остануваа во становите или куќите; ние ја пренесувавме мајката до чамецот, а потоа се враќавме по детето. Во тој момент, еден човек – кој не ме познаваше, ниту знаеше кој сум или што сум – ми го ставаше своето дете во раце за да го пренесам преку водата“, раскажа Горан.
Тој се присети и на храброста на највозрасните жители при евакуацијата. „Имаше една постара жена – баба – која прокоментира дека никогаш не замислувала оти на 90-годишна возраст ќе чекори по покрив. А имаше и други – во моите очи, тие беа вистински гимнастичари! Замислете жена на 85 или 90 години, можеби со повреда на колкот или ‘рбетот… како излегува низ прозорец и се движи по скала“, изјави тогаш Горан Булајиќ.

