Лидија Вукиќевиќ била полиена со јогурт на скалите пред главниот влез во српското Собрание, каде што денеска се одржува конститутивната седница на новиот парламентарен состав.
Додека таа пристигнувала во законодавниот дом, еден од присутните граѓани ѝ истурил јогурт врз косата. Собраната маса со свирежи ги пречекала кандидатите за пратеници од листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“, меѓу кои биле Вукиќевиќ и Арно Гујон. Претходно, во зградата на парламентот влегле и Александар Вучиќ и Милош Вучевиќ.
Собирот пред Собранието е организиран на повик на студентите, со цел да ги испратат избраните пратеници од Студентската листа на првата седница. Студентите апелираа до граѓаните по испраќањето мирно да се разотидат и работата на парламентот да ја следат од своите домови или од други локации.
На дневен ред на денешната седница се шест точки, вклучувајќи го потврдувањето на пратеничките мандати, изборот на претседател и потпретседатели на Собранието, именувањето генерален секретар, како и изборот на членови на работните тела и меѓународните делегации.
Според конечните изборни резултати, Студентската листа има апсолутно мнозинство со освоени 140 пратенички места, листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ брои 103 мандати, додека малцинските листи освоија вкупно седум места. Со конституирањето на овој состав официјално започнува да тече рокот од 90 дена за формирање на новата влада.

