Дипломатски скандал на форумот за проширување на Европската Унија во Брисел, откако на свечениот концерт беше изведена мелодијата на српската песна „Ој Косово, Косово“. Композицијата, која потекнува од 1989 година, беше отсвирена инструментално, но предизвика остри реакции од косовските претставници, кои оценија дека песната промовира српски територијални претензии кон Косово.
Косовскиот амбасадор во Белгија, Агрон Бајрами, побара итно објаснување од Европската комисија, а реагираше и известувачот на Европскиот парламент за Косово, Рихо Терас, кој изборот на песната го оцени како провокација или резултат на незнаење.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос изрази жалење за изборот на композицијата, посочувајќи дека таа во никој случај не ги одразува ставовите на Европската комисија. Кос одговорноста за изборот на песната ја префрли на музичарите и порача дека помирувањето не значи заборавање на минатото, туку градење заедничка европска иднина.
Инцидентот се случи на концертот што му претходеше на денешниот форум за проширување, на кој учествуваат европски лидери и претставници на земјите кандидати за членство во ЕУ.

