Вицепремиерот Александар Николоски од Виена упати порака до Европската Унија дека Западен Балкан се соочува со два сериозни економски проблеми за кои сè уште нема конкретно решение – ограничувањата за професионалните возачи на камиони во Шенген-зоната и отежнатиот извоз на електрична енергија произведена од обновливи извори.
Говорејќи на 23. Виенски економски форум, Николоски оцени дека овие прашања директно влијаат врз економиите во регионот и дека не можат да се решат само со бирократски разговори, туку се потребни конкретни политички одлуки.
Како особено сериозен проблем го посочи третманот на професионалните возачи на камиони, кои со новиот електронски систем за евиденција на влез и излез во ЕУ се соочуваат со ограничувањето од 90 дена престој во период од 180 дена.
„Можеме да имаме убави говори, но ако стоката не може да стигне до крајниот корисник, не можеме да зборуваме за ништо. Веќе една година зборуваме за овој проблем, а сè уште нема политичка одлука“, порача Николоски.
Тој во изјава за МИА посочи дека прашањето останува отворено и покрај билатералните договори што се постигнати со неколку држави, бидејќи тие не ги опфаќаат сите земји од Шенген-зоната. Според него, потребно е заедничко решение од Европската Унија и Шенген-зоната.
Второто прашање на кое Николоски се осврна е извозот на електрична енергија од обновливи извори. Тој побара преиспитување на примената на Механизмот за прекугранично прилагодување на цените на јаглеродот (CBAM), посочувајќи дека актуелниот режим создава дополнителни финансиски оптоварувања и за производителите на зелена енергија.
Според Николоски, поради овие ограничувања, само во Македонија се засегнати повеќе од 500 милиони евра кредити во домашните банки, поврзани со компании што инвестирале во производство на електрична енергија, но се соочуваат со проблеми при нејзиниот извоз.
„Дури и зелената енергија произведена во регионот не може да се извезува. Како тогаш да инвестираме во ветерници, соларни панели и хидроенергија?“, праша вицепремиерот, повикувајќи на посебен пристап кон електричната енергија произведена од обновливи извори.
На 23. Виенски економски форум учествуваа членови на управниот одбор на форумот, министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската Унија и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Форумот „Виенски дијалог за иднината 2026“ е посветен на регионалната економска соработка, европската интеграција и развојот на економските врски од Јадранското до Црното Море.

