Деветнаесетгодишен македонски државјанин е уапсен и задржан во Белград по налог на српското Вишо јавно обвинителство, под сомнение дека во јули минатата година извршил обид за убиство во српската престолнина.
Според официјалните податоци од обвинителството, инцидентот се случил на 8 јули 2025 година на улицата „Народних хероја“, кога осомничениот наводно испукал повеќе проектили кон маж кој се наоѓал во патничко возило. Според пишувањата на српските медиуми, мета на нападот бил поранешен водач на навивачката група на Партизан, познат во јавноста под прекарот Алибег.
Младиот државјанин на Македонија се товари за кривични дела обид за убиство и недозволено поседување и носење оружје. Одредена му е мерка задржување во траење до 48 часа, по што истражната постапка продолжува пред надлежните судски органи.
Во оваа фаза од истрагата, српските институции не соопштуваат детали за можните мотиви за вооружениот напад, ниту пак дали во случајот биле вклучени други лица.

