Македонската православна црква и верниците денес, 16 ноември, го празнуваат Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, односно празникот во народот познат како Ѓурѓиц – спомен на обновувањето и осветувањето на храмот на светецот во Лида Палестинска и преносот на неговите чудотворни мошти.
Свети Георгиј е еден од најпочитуваните светители во нашиот народ, а во црковниот календар тој се слави двапати годишно: како Ѓурѓиц на 16 ноември (пренос на моштите) и како Ѓурѓовден на 6 мај (денот на неговото маченичко страдање). За разлика од пролетниот Ѓурѓовден, Ѓурѓиц не е обележан со црвена буква во календарот, но има исклучително длабоко значење и почит во традицијата.
Според житието, Свети Георгиј бил војник од Кападокија кој во времето на царот Диоклецијан храбро истапил како христијанин, по што бил подложен на тешки мачења и погубен во 303 година. Неговите мошти подоцна биле свечено пренесени во Лида, каде што побожни христијани му изградиле храм.
Во народната традиција, со празникот Ѓурѓиц започнуваат деновите познати како „волчји денови“, кои траат сè до 24 ноември, а верувањата налагаат почитување на одредени обичаи и одморање од тешки физички работи. Старите верувале и дека времето во овие денови ја покажува и идната зима – магливото време најавува блага зима, додека ведрото време носи студ и мразови.
Исто така, во иконографијата постои разлика во прикажувањето на светецот: -На иконите за Ѓурѓиц, Свети Георгиј најчесто се прикажува во стоечки став, како пешак без коњ, со копје или меч во раката (за разлика од Ѓурѓовден кога се прикажува на коњ како ја победува аждајата).
За празникот се врзуваат и следните црковни текстови:Тропар: Како ослободител на плениците и заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносче великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.

