По повод Светскиот ден на предвреме родените бебиња, денеска во Министерството за здравство ќе се одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани најновите статистички податоци и информации за предвременото раѓање во земјава.
Настанот ќе започне во 12:30 часот, а на него ќе се обратат министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на ГАК Ирена Алексиоска Папестиев и раководителката на Одделот за интензивна нега и терапија при ГАК, Елизабета Петковска.
Според податоците на организаторите, во Македонија годишно се раѓаат меѓу 600 и 700 предвреме родени бебиња.
Овогодинешното одбележување се одвива под мотото „Мали бебиња, голем потенцијал. Инвестирајте во континуирана грижа за да ја заштитиме нивната иднина!“.
Во фокусот е потребата од навремена и соодветна медицинска грижа, редовно следење на развојот на децата и обезбедување подобри услови за нивниот понатамошен живот и развој.

