Денеска Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците го одбележуваат празникот посветен на светите Козма и Дамјан, познати како бесребреници и чудотворци.
Светите браќа се стекнале со лекарска вештина, но лечеле бесплатно, во согласност со заветот: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте!“. Нивното житие сведочи за безброј исцелувања и чудеса, меѓу кои и спасувањето на слуга во чиј стомак се вовлекла змија.
Иако меѓу нив постоело кратко разминување околу еден дар од исцелената Паладија, тие по нивната смрт биле заеднички закопани во местото Фереман по Божјо откровение.
Црквата потсетува дека покрај овие светители, постојат и уште два пара со имињата Козма и Дамјан – римските кои се празнуваат на 1 јули и арапските кои се одбележани на 17 октомври. На денешниот празник се пеат традиционалните тропар и кондак посветени на нивните исцелителни мошти.

