Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција истакна дека тврдењата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, огласени во врска со Алта банка, се целосна невистина, додавајќи дека банката немала никаква забрана за работа во Европската Унија и не можела да биде спречена да влезе во Македонија.
Според Манасиевски, премиерот Мицкоски вчера обелоденел извадок од Нацрт-записник од 194. седница на владата од 24 октомври 2023 година, кога претседател на Владата бил Димитар Ковачевски, а тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал одобрение Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка со истиот сопственик, Давор Мацура.
Манасиевски отфрли какви било наводи дека Алта банка и нејзиниот сопственик биле санкционирани од Европската централна банка, истакнувајќи дека до самиот чин на нејзино затворање таа поседувала 9,63 отсто од акциите на Адико банка од Виена, удел кој сè уште е во нејзина сопственост.
Тој потсети и на подоцнежниот договор склучен со Рајфајзен банка од Виена за купопродажба на филијали, нагласувајќи дека македонските институции немале правна основа да го спречат влезот на банката.
„Ова се многу сериозни докази, кои водат до заклучок дека СДС и Венко Филипче како нејзин претседател, свесно манипулира и креира хистерија со цел да направи потрес на финансискиот пазар, што патем не им успеа, но не ги пере од одговорност. Ова се доволно силни основи ЈО да истражи и поведе постапка против Венко Филипче“, порача Манасиевски.

