Опозициската СДСМ денеска поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други одговорни лица во Народната банка, со барање надлежните институции итно да го истражат случајот со преземањето на Алта банка.
Генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција изјави дека станува збор за огромен финансиски скандал и дека одговорноста мора да се лоцира за сите кои ја отвориле вратата за банката без проверка на потеклото на капиталот и сопственоста.
Според наводите на партијата, пријавата опфаќа кривична одговорност за „Несовесно работење во службата“ по член 353-в и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик, за периодот од втората половина на 2025 до крајот на 2026 година.
Дополнително, се бараат проверки според Законот за банките и Законот за Народната банка, вклучувајќи увид во тоа дали биле побарани информации од странски регулатори и Управата за финансиско разузнавање.
Димитријевиќ упати порака и до обвинителството, истакнувајќи дека обвинителот Ненад Саевски има можност да покаже независно работење според законот.
„Но на сите, буквално на сите, од Мицкоски до Славески и сите инволвирани во скандалот со Алта банка едно треба да им биде јасно: Одговорност ќе има! Доаѓа време на правдата!“, порача генералниот секретар на СДСМ.

