Надзорна комисија за причините за воведување администрација во Алта Банка АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционална одговорност денеска ќе одржи собраниската Комисија за финансирање и буџет.
На расправата поканети се овластени претставници на Владата и органите на државата управа, како и други лица што може да дадат информации за прашањето.
На надзорната комисија, како што соопшти собраниската прес-служба, треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката на 1 ноември, откако нејзиниот доминантен акционер, Алта Банка АД Белград ја загуби дозволата за работа во Србија.
Тогаш, Народната банка образложи дека целта е Алта да продолжи да работи, а средствата и интересите на штедачите и другите доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба.
Администрацијата во Алта банка АД Битола треба да трае три месеци, а за администратори беа именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, вработени во Народната банка. Тие ги преземаа надлежностите на Надзорниот и Управниот одбор, како и на Собранието на акционери, освен одлучувањето за зголемување на капиталот на банката.
Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат целокупната состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.
Во меѓувреме, Народната банка информира дека продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата и користење на банкарските услуги на клиентите на „Алта банка“ АД Битола. Во рамките на активностите за обезбедување полесен пристап до средствата и непречено извршување на секојдневните финансиски обврски, клиентите на Банката од вчера можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, согласно лимитот од 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари (за две недели) за оние кои не поседуваат.
Од денеска со работа ќе започне и експозитура на „Алта банка“ АД Битола во Скопје, поконкретно експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“, на адресата бул. „Јане Сандански“ бр. 1/1.
Продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите можат да ги користат услугите коишто им беа овозможени досега, односно подигање готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и уплати за намирување на комуналните услуги, отплата на кредити и останати потреби.

