Најмалку 12 лица го загубија животот, а 48 се повредени во две тешки верижни сообраќајни несреќи што утрово се случија на автопатот „Тракија“ во Бугарија поради драстично намалена видливост од магла.
Инцидентот се случил околу 07:00 часот изутрина на 290-тиот километар од автопатот, кај клучката „Зимница“, каде што видливоста на одредени места била сведена на едвај еден до два метра.
Поради размерите на несреќата, регионалниот гувернер на Јамбол, Георги Чалаков, донесе одлука за прогласување на делумна вонредна состојба во општините Јамбол, Стралџа и Тунџа.
Очевидци сведочат за страшни моменти на автопатот, посочувајќи дека возилата налетувале едно врз друго без можност навреме да сопрат.
За ужасот на местото на настанот кратко изјавил еден од очевидците:
„Ова е кошмар“
Патничка од автобус кој учествувал во судирот раскажала дека луѓето паѓале едни преку други од силната детонација при ударот, а по брзата евакуација бегале подалеку од возилата поради страв од експлозија или пожар.
На местото на сообраќајката било зафатено и транспортно возило-цистерна. Заменик-министерот за внатрешни работи Калојан Калојанов соопшти дека е извршена проверка и дека не е констатирано истекување на опасни материи на коловозот.
Аероснимките од местото покажаа десетици целосно уништени патнички и товарни возила, додека надлежните служби продолжуваат со расчистување на теренот и згрижување на повредените.

