Повеќе од 10 лица загинале, а десетици се повредени во две големи верижни сообраќајни несреќи што утрово се случиле на автопатот „Тракија“ во Бугарија, во близина на градот Јамбол. Во судирите учествувале над 50 возила, меѓу кои автомобили, камиони и товарни цистерни.
Информацијата за повеќе од десет загинати ја потврди областниот управител на Јамбол, Георги Чалаков, за бугарската новинска агенција БТА. Бројот на жртвите сè уште не е конечен, бидејќи спасувачките екипи продолжуваат со извлекување на повредените од уништените возила.
Несреќите се случиле утрово, нешто по 7 часот, на 289. и 294. километар од автопатот, меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, во двата правца кон Софија и Бургас. Според првичните информации, главна причина за масовните судири е густата магла, која значително ја намалила видливоста, во комбинација со влажниот коловоз.





На местото на несреќата се испратени десетици противпожарни и полициски екипи и возила на итната медицинска помош. Еден од камионите се запалил, а дел од повредените останале заглавени во автомобилите, поради што пожарникарите морале да ја сечат каросеријата за да ги извлечат.
Според последните информации, 11 повредени се хоспитализирани во болницата во Јамбол, повеќето во тешка состојба, додека осум лица се пренесени во болницата во Сливен. Еден од пациентите има тешка повреда на главата. Во Сливен се одложени планираните операции за да се ослободат медицинските екипи за згрижување на повредените.
Поради размерите на несреќата, бугарските власти го активирале системот за итно предупредување BG-Alert, а ангажирана е и војската. Воено-транспортен авион „Спартан“ е ставен на располагање за пренесување на тешко повредените во други болници.
Автопатот „Тракија“ е целосно затворен во двата правца на погодената делница. Сообраќајот се пренасочува преку Карнобат, Петолачката, Сливен и Крушаре.
Бугарските власти формираа кризен штаб, а полицијата продолжува со увидот и утврдувањето на причините за несреќите.
ВИДЕО

