Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Иран е практично завршена од воен аспект, но предупреди дека САД остануваат подготвени за акција доколку дојде до промена на околностите на Блискиот Исток.
Обраќајќи се од Белата куќа по средбата со премиерот на Катар, Трамп оцени дека иранското раководство е „обезглавено“ и истакна дека Вашингтон инсистира на долгорочен договор за спречување на нуклеарната програма:
„Војната во Иран е, во суштина, завршена од воен аспект. Ние едноставно го одржуваме статус квото“
Преку објава на социјалната мрежа „Truth Social“, шефот на Белата куќа додаде дека Израел и регионот се заштитени, но дека воените сили се подготвени за секаков развој на настаните:
„Доколку дојде до некаква промена во развојот на настаните на Блискиот Исток, Соединетите Држави се целосно подготвени за акција. Сепак, во овој момент, тоа изгледа прилично неверојатно. Израел, како и целиот Блиски Исток, е заштитен од опасностите и заканите што доаѓаат од Иран. Гледаме позитивен тренд кон ставање крај на овој конфликт и ќе се погрижиме интересите на Америка да бидат заштитени во секое време“
Според медиумските извештаи, Трамп во изминатиот викенд испратил позитивни сигнали за можно избегнување на нови напади доколку преговорите со Техеран напредуваат, иако администрацијата има идентификувано 38 моста како потенцијални цели доколку конфликтот ескалира.

