Грчките власти утрово пронајдоа 12 мртви лица на брод со мигранти кој се наоѓал во акваторијата јужно од островот Крит. Во истата акција, товарен брод кој минувал низ областа успеал од истиот брод да спаси уште 18 преживеани лица, соопшти грчката крајбрежна стража.
Според официјалните информации од крајбрежната стража, пловилото било забележано утрово на околу 28 километри јужно од брегот на Крит. Засега нема детали за идентитетот на загинатите, ниту пак за точните причини кои довеле до нивната смрт.
Паралелно со овој случај, грчката крајбрежна стража регистрирала уште два чамци со мигранти во истиот регион. На едниот биле пронајдени 47 лица, а на вториот 40. Сите преживеани се безбедно транспортирани до пристаништето на јужниот брег на Крит.
Во последните месеци е забележан зголемен бран на обиди за преминување на опасната морска рута од Северна Африка кон Грција, која останува една од главните влезни точки во Европа за луѓето кои бегаат од конфликти и сиромаштија.

