Од опозициската СДСМ излегоа со целосна поддршка за барањата на професионалните војници, најавувајќи поднесување на ново законско решение во Собранието. Од партијата посочуваат дека актуелната власт ја занемарила Армијата и дека припадниците на воените сили се соочуваат со дискриминација.
Во соопштението се нагласува дека постои неправедна разлика во отпремнините на поранешните припадници на Армијата кои се пензионирале пред и по 14 февруари 2024 година, при што оние кои заминале во пензија претходно добиле значително помали суми.
„По кој основ луѓето кои со години и служеле на државата и ја извршувале истата должност да бидат различно вреднувани? Сите војници заслужуваат еднакви права и правичен третман од државата“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ исто така даваат целосна поддршка на барањата за трансформирање на работниот однос на неопределено време по петтата година, согласно Законот за работни односи, како и за реално зголемување на платите во војската. Тие обвинуваат дека во изминатите две години под водство на премиерот Христијан Мицкоски нема никакво зголемување на платите во одбраната, споредувајќи ги овие политики со нивниот претходен мандат кога платите етапно се зголемиле за 15%.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери. Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата – нема за работниците, нема за земјоделците, едноставно нема пари за граѓаните“, велат од СДСМ.
На крајот, од опозициската партија порачуваат дека како земја-членка на НАТО мора да се гради силна одбрана со задоволни и мотивирани војници, најавувајќи формално поднесување на законските измени за надминување на овие проблеми.
Ваквата реакција доаѓа по вчерашниот протест на Армијата пред Владата.

