Папата Лав XIV го пофали Уругвај за повеќе од четирите децении непрекината демократија, на почетокот на 12-дневната турнеја низ Јужна Америка, само неколку недели по операцијата на рак на белите дробови.
Претседателот Јаманду Орси синоќа му посака добредојде на поглаварот на 1,4 милијарди католици во светот на аеродромот во главниот град Монтевидео.
– 2025 година одбележа четири децении непрекината демократија во Уругвај, во кои со волја на граѓаните се менуваа различни влади – рече Лав во својот прв говор.
Во рамките на најдолгото патување во странство на папата од неговиот избор минатата година ќе ги посети и соседна Аргентина и Перу, каде што помина повеќе од 20 години како августенски мисионер, а подоцна и како бискуп. Папата, кој е роден во САД, исто така има и перуанско државјанство и течно зборува шпански.
– Среќен сум што се вратив – рече тој во врска со неговото враќање во Перу за време на летот.
Во средината на октомври, папата беше опериран за отстранување на дел од десното белодробно крило со малиген тумор. Неговите лекари потоа му дадоа одобрение за патување, соопштувајќи дека повеќе нема рак.
Лав за време на летот кон Монтевидео рече дека по операцијата ниту за момент не се сомневал дека патувањето ќе се реализира.
Во подоцнежниот говор, Лав се осврна на сопствената болест и на тешкотиите со кои се соочуваат луѓето кои не можат да си дозволат медицинска нега.
– Неодамна од прва рака ги искусив ограничувањата наметнати од болеста и добив нега за која сум длабоко благодарен – рече тој.
– Тоа искуство ме тера да размислувам за многуте мажи и жени кои ги немаат средствата за навремена дијагноза или за лекувањата што им се потребни – додаде папата.
На приемот во претседателската палата, папата исто така го пофали Уругвај за речиси целосниот премин кон обновлива електрична енергија.
Сепак, тој ја критикуваше ниската стапка на наталитет во земјата и го повтори своето цврсто противење на абортусот.
Околу 30.000 луѓе му аплаудираа на Лав додека се движеше низ улиците на Монтевидео во „папамобилот“, соопштија локалните власти.

