Банкарскиот сектор во Северна Македонија е стабилен и подлежи на строга законска регулатива и контрола од Народната банка, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во гостување во Централниот дневник на МРТ, таа истакна дека стабилноста на банкарскиот систем е резултат на долгогодишното искуство, строгите законски прописи, подзаконските акти на Народната банка, но и интерните процедури што ги применуваат самите банки.
Осврнувајќи се на состојбата со Алта банка, министерката оцени дека нејзиното учество во вкупниот банкарски сектор е речиси незначително, но нагласи дека загриженоста на клиентите кои имаат средства во банката е разбирлива и оправдана.
Таа појасни дека проблемите не произлегуваат од работењето на банката во Македонија, туку се поврзани со случувањата во матичната компанија, односно банката во Србија, од каде што започнале проблемите со сопственичката структура.
Димитриеска-Кочоска порача дека граѓаните треба да имаат доверба во финансискиот систем и да ѝ дозволат на Народната банка да ги спроведе потребните активности и мерки во рамки на своите надлежности.
Како дополнителен механизам за заштита на штедачите, министерката го посочи Фондот за осигурување депозити, преку кој, доколку се појави потреба, би се извршило обесштетување на депонентите. Сепак, таа изрази уверување дека до такво сценарио не би требало да дојде.
Во интервјуто се осврна и на Предлог-буџетот за 2027 година, посочувајќи дека приоритет е исполнувањето на законските обврски, но и задржувањето на развојната компонента.
Најави и повисоки плати за вработените во институциите како резултат на зголемувањето на минималната плата, а во одредени сектори и врз основа на веќе потпишаните колективни договори.

