Три авиони на авиокомпанијата „Рајанер“ утринава извршија вонредни слетувања во Бугарија по нова серија дојави за поставени експлозивни направи.
Два од авионите, кои сообраќаа на линиите од Копенхаген и Мадрид, слетаа на аеродромот во Софија, додека третиот лет од Лондон беше пренасочен и слета во Пловдив. Информацијата за вонредните слетувања ја потврдија од бугарското Министерство за транспорт.
Засега нема дополнителни детали за содржината на упатените закани, ниту пак информации за евентуално пронајдени сомнителни предмети при безбедносните проверки во леталате.
Ова е уште еден во низата инциденти со дојави за бомби кои ги ставија во приправност европските воздухопловни служби. Претходно беа регистрирани закани за седум авиони низ Европа, од кои два исто така слетаа во Софија — едниот од Бергамо со 176 патници и седум членови на екипажот, а вториот од Даблин со 186 патници и шест членови на екипажот.
Во рамки на истиот бран закани, авион на линијата Даблин – Рим беше пренасочен и принудно слета во воена воздухопловна база во Франција.

