Десет возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради безобѕирно управување со моторно возило, информира Министерството за внатрешни работи.
Од приведените, седум возачи управувале возило без воопшто да имаат положено возачки испит. Меѓу нив се четворица скопјани на возраст од 15, 26 и 51 година, 16-годишник од Батинци, 37-годишен жител на Гошинце и 61-годишен жител на Блаце, кој претходно учествувал и во сообраќајна незгода.
Останатите тројца биле затекнати како управуваат возило и покрај активна забрана за управување со моторно возило. Станува збор за 35-годишен скопјанец, 30-годишен жител на Крушево и 50-годишен штипјанец, кој дополнително управувал под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите против возачите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“ од член 297-а од Кривичниот законик.
Полицијата повторно апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, со активна забрана или под дејство на алкохол, бидејќи неодговорното однесување директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

