Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на нејзината работна посета на Брисел, оствари средба со претставници на македонската дијаспора во Белгија.
Како што информираат од нејзиниот Кабинет, иселениците ги споделиле своите искуства од животот и работата во Белгија, при што ја потенцирале потребата од постојана комуникација и поцврста поврзаност со македонските институции.
– Присутните споделија свои искуства од животот и работата во Белгија, посочувајќи ја потребата од постојана комуникација и поцврста поврзаност со македонските институции – соопшти Кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова посочила дека географската дистанца не значи и духовно оддалечување од татковината, додавајќи дека човек може физички да замине од својата земја, но таа никогаш не заминува од него. Таа истакнала дека врските со дијаспората мора да се негуваат, да се шират и да се продлабочуваат, без оглед на етничкото потекло, јазикот или генерацијата на која ѝ припаѓаат иселениците.
Дел од присутните изразиле подготвеност преку конкретни проекти да ги споделат стекнатите знаења и искуства, ставајќи ги својата експертиза и професионални контакти во функција на унапредување на трговската размена и поефикасно користење на европските фондови.
Од Кабинетот на претседателката додаваат дека таа потенцирала дека дијаспората не смее да биде само набљудувач на општествените процеси, туку активен и рамноправен партнер во нивното обликување, преку институционално поврзување, размена на знаења и искуства и непосредно учество во креирањето политики.

