Државниот завод за ревизија утврди низа финансиски и системски нерегуларности во работењето на ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје (ЖРСМ Инфраструктура) за 2024 година. Според извештајот, претпријатието продолжува да генерира милионски загуби, кои за 2024 година изнесуваат 188,7 милиони денари, додека вкупната пренесена загуба од минатите години достигнува 4,7 милијарди денари.
Ревизијата покажува дека за изградба и реконструкција на железничката инфраструктура се одобрени заеми од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сѐ уште не се повлечени. Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства, а исплатени се и 2,85 милиони евра за камати со варијабилни стапки меѓу 4,84% и 5,14%.
Посебен акцент е ставен на доцнењето и пробивањето на роковите за проектите на Коридорот 8. Проектот за делницата Куманово – Бељаковце (Лот 1), започнат во 2013 година, бележи зголемување на вредноста за 96 отсто и пролонгирање на рокот за повеќе од осум години поради бројни проектни и технички пропусти. За делницата Бељаковце – Крива Паланка (Лот 2), договорот вреден 155 милиони евра е со рок на завршување до 23 октомври 2026 година.
Исто така, утврдено е дека 33 отсто од материјалните средства во подготовка се набавени пред 15 години и воопшто не се искористени, додека поголемиот дел од земјиштето и градежните објекти немаат уредни имотни листови ниту се евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти.
Во однос на кадарот, претпријатието работи со 718 вработени, што е 54 отсто од систематизираните работни места, при што голем дел од вработените се постари од 56 години, а голем дел се ангажирани преку времени решенија без соодветни услови. Железничката инфраструктура е опишана како застарена и делумно нефункционална, со намалени брзини на главните коридори поради дефекти и опожарени прагови.
Од претпријатието доставиле известувања до ревизорите за преземените мерки и степенот на реализација на дадените препораки, вклучувајќи ги и информациите за напредокот на работите на Коридорот 8.

