Мексиканските власти воведоа забрана за употреба на мобилни телефони и други електронски уреди во основните и средните училишта за време на часовите. Мерката е дел од националната иницијатива за ограничување на времето што децата го поминуваат пред екраните, а ја иницираше мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум.
Според новата уредба, учениците ќе можат да користат телефони единствено за образовни цели под надзор на наставниците, во итни случаи, како и кога тоа е неопходно од здравствени причини или поради попреченост.
Меѓутоа, одлуката предизвика сериозна загриженост меѓу родителите, особено во регионите во Мексико каде што активни дејствуваат криминални банди. Тие стравуваат дека без мобилни телефони ќе им биде многу потешко да стапат во контакт со своите деца во случај на непосредна опасност.
Овие стравови дополнително се зголемија по инцидентот во градот Есквинапа, во сојузната држава Синалоа, каде на 22 октомври вооружен маж на мотоцикл пукаше во автобус што превезувал средношколци. Во возилото имало повеќе од десет ученици, а во нападот бил повреден возачот.
Статистиката покажува дека ситуацијата е алармантна – според податоците од мексиканската организација за заштита на правата на децата (REDIM), во текот на првата половина од оваа година секое десетто лице во земјата под 17 години било жртва на кривични дела поврзани со организиран криминал.
Дополнително, претставниците на родителските организации упатија забелешки за начинот на кој е донесена одлуката, истакнувајќи дека родителите не биле доволно вклучени во целиот процес. И покрај тоа, дел од нив ја дадоа својата поддршка за самото ограничување на телефоните, но побараа спроведување на информирачки кампањи за родителите и соодветна обука за наставниот кадар.

