Новите сајбер-напади врз фрижидери во супермаркети во неколку земји членки на Европската Унија се намерен обид за нарушување на снабдувањето со храна и ги нагласуваат растечките дигитални закани за секојдневниот живот на граѓаните, соопштија денеска официјални претставници на Европската комисија, апелирајќи за итно зајакнување на сајбер-безбедноста во целата Унија.
Европскиот комесар за земјоделство и храна, Кристоф Хансен, предупреди дека сајбер-нападите врз фрижидерите во супермаркетите во земјите членки се „намерен обид за нарушување“ на снабдувањето со храна во Унијата и за поткопување на довербата на потрошувачите. Тој нагласи дека, иако „безбедноста на храната во моментов не е загрозена, фрлањето на храната и последиците за компаниите се реални“.
Во сајбер-нападите што се случија во текот на изминатата ноќ во повеќе од 70 супермаркети во Белгија, Луксембург и Шведска, температурата во фрижидерите била намерно зголемена. Слични напади денеска беа регистрирани и во еден супермаркет од синџирот „Селвер“ во Естонија, како и во Ирска, поради што некои трговски синџири мораа да уништат прехранбени производи. Нападот ја погоди и продавницата на „Икеа“ во југозападниот дел на Белгија, а слични инциденти беа регистрирани и во Франција на 12 октомври, кога беа погодени околу 700 продавници. Париското обвинителство тогаш соопшти дека станува збор за голем сајбер-напад врз мрежно поврзаните разладни уреди на големите трговски синџири.
Европската комисија соопшти дека „продолжува да соработува со земјите членки за зајакнување на сајбер-безбедноста“.
– Го користиме CYCLON за координација и размена на информации, бидејќи се погодени неколку земји членки, изјави портпаролот на Комисијата, мислејќи на европската мрежа на национални органи задолжени за справување со сајбер-кризи.
Сајбер-безбедноста првенствено е во надлежност на земјите членки на ЕУ, но поради нејзиниот чест прекуграничен карактер, во последните години беа усвоени и прописи на европско ниво за поддршка на земјите членки, вклучително и во заштитата на критичната инфраструктура, софтверот и хардверот. Зајакнувањето на сајбер-безбедноста е исто така во надлежност на сеопфатната Агенција на Европската Унија за сајбер-безбедност (ЕНИСА), која, меѓу другото, управува со мрежата CYCLON.

